Увозни лубеници по 60 денари, домашно производство сè уште нема, пазарот со пониски цени

Увозни лубеници и дињи денеска за првпат годинава можеа да се најдат на штипскиот пазар, ама цената им е 60 или 70 денари. Производителите велат дека и домашно производство ќе има, ама за десетина до петнаесет дена. Временските услови и овде се причина за тоа. И граѓаните сѐ уште не ги купуваат, велат лубеница и диња годинава ќе се проба во јули.

Инаку, пазарот овој петок беше со значително пониски цени за разлика од претходниот. Краставицата можеше да се најде по цена од 30 до 50 денари, а доматот беше околу 50 денари. Со пониска цена беа и јагодите и црешите, единствено пиперот држеше нешто повисока цена од 70 до 100 денари.

Иако со нешто помала раздвиженост, продавачите беа задоволни од денешниот пазар. И тие посочија дека производите на пазарот се со попристапни цени.

Инаку, претходниот петок имаше значително поголема раздвиженост, но речиси сите производи беа со повисоки цени. Граѓаните причината ја бараа во тоа што беше празничен ден, а продавачите беа задоволни што производите брзо се трошеа.

Ребека Спасова М-Нет