Три села од Општина Чешиново – Облешево во сабота на протест

Изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, односно втората половина од Крупиште до Кочани, на која се работи, предизвика револтираност кај жителите на три села од Општина Чешиново – Облешево. Имено тие за во сабота најавуваат мирен протест со кој ќе биде блокирана клучката кај село Спанчево. Жителите од село Соколарци, Бање и Спанчево протестот го организираат бидејќи, како што велат тие, со комплетирање на оваа сообраќајна инфраструктура ќе останат без пристап до земјоделските површини.

Месните заедници на трите села реагирале неколку пати до Општина Чешиново – Облешево до инвеститорот, до изведувачот и надзорот над градежните активности, но од ниедна страна не добиле одговор. Тие се надеваат на прифаќање на нивните барања.

Овој проблем го посочи и Глигор Ивановски, проценител кој гостуваше во нашата емисија, истакнувајќи дека ова е почест проблем со кој се соочуваат таканаречените претходни сопственици на земјоделските површини, низ кои треба да поминува патот.

Инаку целиот експресен пат Штип – Кочани се предвидува да биде завршен до крајот на оваа година.

Лаура Стојанова МНет