Тетекс доби нов Управен одбор, целта ќе биде опстанок во Втора лига

По оставката на претходното раководство, второлигашот Тетекс доби нов Управен одобор, чија цел ќе биде опстанок во Втората македонска фудбалска лига.

Претседател на клубот ќе биде д-р Бобан Вучевски. Сепак, Тетекс е во многу тешка ситуација, бидејќи „штофарите“ се без доволен фонд на играчи, минусно салдо и доста долгови, што ја прават ситуацијата и повеќе од тешка.

Веќе се бара помош од бизнис секторот во Тетово со цел да му помогнат на клубот во овој тежок период и со цел истиот да застане на стабилни нозе.

Покрај Вучевски, во Управниот одбор на Тетово ќе бидат и Ивица Хаџииљоски – Чајка, Драгољуб Јовановски, Перо Јовановски, Живко Антовски, Бобан Мишевски и Ненад Спасоски – Зец.

Тренер на тимот останува Дејан Савевски, додека пак Живорад Радољиќ ќе биде асистент, а пак Миле Спироски ќе биде тренер на голманите.

Тетекс сезоната ја заврши на претпоследното место на табелата во Втора лига со само седум освоени бодови и во пролетниот дел ќе ја има можеби и најтешката полусезона кога е во прашање опстанокот.

Инаку, Тетекс го има и еден неславен рекорд, откако во Битола беше убедливо поразен од Пелистер со 11:0, со што тоа е најголемиот пораз во тековната сезона, но и во историјата на Тетекс.