Столпчиња за чување паркинг места – праксата се повторува, Општината вели да се пријавува

Столпчињата кои ги користи ЈП „Стипион“ се нова алатка на граѓаните за чување паркинг место. Претходно граѓани алармираа за користење камења и други подвижни и неподвижни предмети на обележани паркинг места, но и на јавни површини кои не се определени да бидат паркинг простор. Сега повторно ни беа испратени фотографии за ваков начин на зачувување паркинг место за возилата, но овојпат за користење на столпчиња кои и онака можат да се видат низ градот поставени од ЈП „Стипион“. За надлежностите кои тие ги имаат во овој случај, од Претпријатието велат дека поставуваат столпчиња само врз основ на решение.

„Ве информирам дека надлежноста на ЈП „Стипион“ е да постапува, односно да поставува рефлектирачки столпчиња, единствено врз основ на решение донесено од страна на Одделение за комунална дејност при Општина Штип.“ – вели директорот на Претпријатието, Кирил Зајков.

Од службата за комунална дејност, односно комуналниот инспектор, Борче Везенков, вели дека граѓаните треба да пријават. Тој посочува дека по таа пријава во Општината, тие ќе постапат и ќе ги тргнат поставените столпчиња.

Во врска со претходниот случај, општинскиот сообраќаен инспектор истакна дека за поставување предмети и чување паркинг место следуваат првично опомени, а потоа казни. За физичко лице казната е до 200 евра, со тоа што ако се плати во рок од осум дена е 100 евра. Праксата покажува дека по изречената опомена или казна, граѓаните повеќе не го практикуваат ова.

Ребека Спасова М-Нет