Се задржуваат 120те вработени чија егзистенција беше неизвесна по затворање на „Пејпер мил“

По затворањето на кочанската фабрика  „Пејпер мил“ 120 работници беа известени да не доаѓаат на работа, со што во неизвесност се стави и нивната егзистенција. Меѓутоа, денеска во писмено соопштение од фабриката, стигна информацијата дека вработените се задржуваат на работа и на истите ќе добиваат по 70% од платата во наредните два месеци, како и дека ќе им бидат платени придонесите за целиот период додека не се на работа.

Пејпер Мил од Кочани информира дека по правни консултации, а според Законот за работни односи, донесе одлука за статусот на 120-те вработени во фабриката. Во наредните два месеци вработените ќе добиваат 70% од платата и редовно ќе им бидат плаќани придонеси за целиот период додека не одат на работа, заради привремениот прекин на работењето на фабриката. Од компанијата денес ги информирале вработените и за можноста за рестартирање на фабриката во април оваа година, кога тие повторно би се вратиле на редовна работа.

Минатата недела управата на Пејпер Мил донесе одлука да го прекине производствениот процес на неопределено време, по решението на Инспекторатот за животна средина со кое на фабриката и беше наложено користење на метан како единствен енергенс, на што претходеа мерења од страна на компанијата и од страна на Инспекторатот, чии резултати покажаа драстични разлики. 

„Беше исклучително важно да го решиме статусот на вработените. Тие не доаѓаат на работа, а до сега исплаќавме цела плата. Искрено се надеваме дека ќе ги рестартираме процесите на рециклажа на хартија и производство и сакаме, и важно ни е да ги задржиме овие луѓе. Успеавме и во текот на целата ковид криза да не отпуштиме вработени, а од друга страна во нашите развојни планови предвидуваме и зголемување на човечките ресурси во фабриката за 30 проценти.  Очекуваме соработка со сите чинители, со цел што поскоро да продолжиме со работа.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпер Мил од Кочани.

Компанијата беше затворена по претходно направени 3 инспекциски вонредни надзори со утврдување дека ги надминува дозволените ПМ честички кои ги испуштат нејзините оџаци.

Лаура Стојанова М-Нет