
Денеска се слави празникот Свети Четириест маченици или кај народот познат како Младенци. Овој празник е од големо значење за православните христијани, се слави положувањето на животите на 40 маченици. На овој ден се посетуваат сите нововенчани млади брачни парови, а тие ги носат свеќите од венчавка во црква да догорат.
„Го чествува споменот на Четириесете маченици, едно прексрасно житие за нас православните бидејќи од она што е посведочено е од самите историски збиднувања. Овие 40 војници пострадале, буквално го положиле својот живот исповедајќи го Христос за вистински Бог. Она што е интересно за овие краишта по традиција и практика возрасните на овој ден се посетуваат сите нововенчани брачни парови, се носат скромни подароци.
Арсовски ја потенцира и поврзаноста на празникот со младите брачни парови, зборува за бракот и неговото сваќање во христијанската вера.
„Многумина прашуваат која е поврзаноста бидејќи чествуваме спомен на маченици и која е смислата со новобрачните парови. Знаеме дека во древната црква, кога се извршило тајното венчание младите ги носеле своите венци со цел да покажат дека веќе се заветувале дека ќе живеат во онаат љубовна заедница со Бог. Бракот гледано од православна призма преставува мачеништво, не во смисла на насилство, туку во смисла на распнување, во смисла на сведочење, духовно и љубовно мачеништво, за тоа како треба да се сведочи, како треба да изгледа еден христијански брак.“ – додава Арсовски.
Повозрасните граѓани велат овие обичаи се практикуваат со години наназад, со што се дава посебно значење на денешниот празник.
Денешниот празник секоја година се празнува на 22 март, се паѓа во време на пости, и се верува дека какво ќе е времето денеска – такво ќе биде во текот на целата пролет.
Лаура Стојанова М-Нет