Решенија за проблемите на оризопроизводителите нема, трошоците им се зголемени за 300%

Оризот на штипскиот пазар важеше за еден од основните продукти кои се купуваат, но сега оризопроизводителите велат дека меѓу луѓето и не е многу популарен. Петар е оризопроизводител од с. Чешиново кој килограм ориз продава за 70 до 80 денари, крш за 30, а интегрален ориз за 60 денари. Тој има околу три хектара ориз од што и егзистира.

„Јас се исклучиво занимавам 50 години, од кога што знам за мене и дефинитивно од тоа живееме. Има повеќе семиња ориз, повеќе сорти. За македонскиот народ најактуелна е сортата „сан андреас“.“

Сепак, проблемите за оризопроизводителите не престануваат. Трошоците – зголемени за околу 300%. Зголемената цена на горивата, ѓубривото и препаратите споредбено со цената на оризот и оризовата арпа, кои се враќаат како приходи и не се така доволни за егзистенција.

„Зависи колку имаш пари за сето тоа добро да го работеш. Нафта, семе, ѓубрива, препарат за прскање и тоа е. Сеа ако збореме за трошоко, сигурно е зголемен 300%, најмалку 300%.“

На пазар да се продава е доволно за да се закрпи нешто, но трошоци има и таму. Да се плати тезга и превоз е само дел. Народот, пак, кој има сѐ помалку пари веќе не ги полни торбите, додава Петар.

„Е сеа, по пазарите треба да платеш паушал, треба да платиш тезга, да ставиш нафта. И кога тоа ќе го собереш, крпеш некако. Е колку крпеш, тоа секој си го знае. Покрај оризо треба да сееш и нешто друго за да можеш да опстанеш.“

Петар заклучува дека некоја добивка и нема, ама нема и друг начин за егзистенција. За проблемот треба решенија од Владата и договор со откупувачите на арпа, а вака е доволно само колку да се преживее.

Ребека Спасова М-Нет