
Проблемот со кучињата скитници во Штип никако да се реши. Беше објавен јавен повик на кој требаше да се избере фирма која ќе ги заловува и хумано ќе ги третира кучињата скитници, ама обидот пропадна во вода. Се пријавила само една фирма која не ги доставила во целост документите, па моментално тече рокот за жалба. Почетокот на наредната недела треба да биде објавен нов јавен повик.
„Постапката за третирање за кучиња бездомници во Штип е во тек, но имавме прв неуспешен обид. Беше објавен оглас на кој беше пријавена само една фирма. Истата фирма не достави документ за докажување на техничка и професионална способност која беше побарана од самиот оглас. Беше дополнително побарано да се достави документот, не го остави во дадениот рок и постапката остана поништена поради не пријавена ниту една фирма.“ – кажа Јорданов.

Станува збор за документ со кој фирмата ќе покаже соработка со невладина организација, односно здружение за заштита на животните.
„Целосна обврска на економскиот оператор кој ќе се јави согласно другите материјални Закони кои го обврзуваат да постапи хумано во процесот на третирање на кучињата. Но, се предвидува фирмите да имаат соработка со невладиниот сектор кој се занимава со благосостојбата на животните. Ние побаравме да имаат потврда за квалитетна и успешна соработка со невладиниот сектор но таква потврда немаше“ – додаде Јорданов.
Проблемот со кучињата скитни во Штип е децениски проблем за кој се бара соодветно решение. Штип нема стационар, а подолго време нема ниту фирма која се занимава со заловување на кучињата оставени на улица. Токму заради вакавата причина секојдневно може да се забележат глутница кучиња, а честопати и во билтенот на СВР Штип стои пријава од граѓани дека биле каснати од куче скитник.
Лаура Стојанова М-Нет