
Вчера во рамки на вонредното 4. коло на Втората македонска фудбалска лига се случија големи инциденти по завршувањето на мечот Вардар Неготино со Охрид, меч кој се пренесуваше во живо на спортскиот канал М Нет Спорт.
Фудбалската федерација на Македонија веднаш реагираше и донесе одлука да се суспендира теренот во Неготино, па така Вардар Неготино домашните натпревари ќе мора да ги игра на друг стадион.
„Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Комисијата за натпревари, на вондредна седница по прегледаните извештаи и снимки од натпреварот во рамки на 4. коло од Втора МФЛ одигран на ден 25.09.2024 година на Градскиот стадион Неготино помеѓу екипите на ГФК Вардар Неготино – ГФК Охрид Лихнидос поради физички напад од страна на неслужбено лице врз голманот на ГФК Охрид Лихнидос, комисијата донесе одлука според член 94 од Правилник за натпревари на ФФМ за СУСПЕНЗИЈА на Градски стадион Неготино. Суспензијата стапува на сила веднаш“, се вели во соопштението на ФФМ.
Дополнително ќе биде познато колку натпревари Вардар Неготино нема да може да игра на Градскиот стадион во Неготино.
Александар Ванев, М-Нет