
Во прекрасен амбиент, декориран со црвено – жолтата македонска навивачка подршка Македонија го доживеа првиот пораз на својот европски историски настап. Согореа нашите фудбалери во желбата да им угодат на многубројните навивачи, одиграа одличен натпревар за кој слободно ќе кажеме дека ги задоволи нивните вкусови, но така е во фудбалот, топката е тркалеста и непредвидлива. Австрија поведе со голот на Лајнер во 18 минута и донесе радост на своите миленици кои беа далеку во помал број од нашите. Националната арена еруптираше во 28 минута кога по грешка на австријците,капитенот Горан Пандев енергично, брзо и мошне смирено нишанеше во мрежата за израмнување на резултатот на 1:1. Со тој резултат се отиде на одмор а самата статистика наговестуваше дека треба да се одигра поенергично. Односот на теренот покажуваше посед на топката 58:42 во корист на Австрија со однос на корнери 2:1 пак во нивна корист. Во второто полувреме австријците постигнаа уште два гола. Најнапред Грегорич донесе водство од 2:1 со голот што го постигна во 78 м. Во самиот финиш на средбата во 90 м. Арнаутович постигна гол за 3:1 што беше и конечен резултат на овој натпревар. Иако поразени и некако потиштени нашите репрезентативци смогнаа сили херојски да им отпоздрават на верните македонски навивачи за што добија и аплауз како подршка за понатамошниот тек на натпреварите.Мора да истакнеме дека денес главниот град на Романија,Букурешт беше обоен во црвено – жолта боја, бевме сведетели на колони наши навивачи кои со песна, коректно и дисциплинирано маршираа на патот кон Националната арена. Следен меч Македонија ќе одигра на 17 јуни овде во Букурешт а потао во Амстердам на 21 јуни ќе се сретне со Холандија.
Од Букурешт Специјално за Mnet.mk Драги Герасимов – Пушка