Поради позитивни ученици и наставници, 128 ученици следат онлајн настава во ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево

Неколку паралелки од основнотo училиште „Ванчо Прке“ – Делчево наставата ја следат онлајн поради позитивни ученици и наставници на коронавирусот. Онлајн настава следат 128 ученици, но советникот за образование при Општина Делчево, Ванчо Новоселски, во телефонски разговор за М-Нет истакна дека ситуацијата не е толку аларманта, односно дека полека паралелки кои веќе следат онлајн настава почнуваат да се враќаат на училиште со физичко присуство.

„Што се однесува до ООУ „Ванчо Прке“, тука ситуацијата беше малку лоша, но се подобри, така што денес во разговор со директорот од училиштето констатиравме дека имаме девет позитивни ученика, два позитивни наставника и три наставника коишто се во изолација поради тоа што биле во контакт со заразено лице. Веќе кај паралелките коишто беа во изолација и ја следеа наставата онлајн, тоа се вкупно девет, наставата почна да се нормализира. Денеска се врати една паралелка со физичко присуство, утре ќе се врати друга, а во понеделник ќе се врати уште една паралелка. Значи, полека, но сигурно се смирува ситуацијата во ООУ „Ванчо Прке““, вели Новоселски.

Во основното училиште „Климент Охридски“ и средното училиште „Методи Митевски Брицо“ има деца во изолација, но наставата се следи со физичко присуство.

„Во средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ се оди со физичко присуство. Таму имаме само три деца кои се во изолација само поради тоа што биле во контакт со заразено лице. Во основното училиште „Св. Климент Охридски“ имаме три деца во изолација и еден наставник, но тоа се исто така лица коишто биле во контакт со заразено лице“, додаде Новоселски.

Правилата налагаат доколку има еден позитивен ученик, цела паралелка да оди во изолација. Таква е ситуацијата и во основното училиште „Ванчо Прке“ во Делчево.

Лаура Стојанова М-Нет