
Драстично намален бројот на новозаразени пациенти во ковид болниците во Кочани и Штип. Притисокот врз болниците во континуитет попушта, а на минимум е сведен и бројот на лица кои ја губат битката со корона вирусот. Во кочанската Општа болница веќе недела дена нема регистрирано починато лице. Моментално хоспитализирани се само 8 пациенти во модуларната ковид болница, и речиси сите односно 7 од нив се на кислородна поддршка. Расте бројот на слободни кревети, па во Кочани има слободни 25 легла за ковид пациентите, истака директорот на болницата Александар Серафимов.
Слична ситуација и во Клиничката болница во Штип. Бројот на хоспитализирани пациенти е 28, од кои 26 се во модуларната ковид болница и 2 на Инфективното одделение. На кислородна поддршка се 19 пациенти, а слободни се 71 кревет, 21 во модуларната болница и 50 на Инфективното одделение. Во последните 24 часа нема примен ниту еден нов ковид пациент, 7 се оздравени, а радува фактот што нема регистрирано ниту едно починато лице, посочи потпаролот на Клиничка блница Штип, Марина Шуманска.
Во државата пак расте бројот на имунизирани лица во споредба со новозаразени. Според информации од Министерството за здравство, досега во земјата се направени вкупно 757.794 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.725, бројката на оздравени пациенти е 146.043, на починати е 5.230, а бројот на активни случаи изнесува 3.452.
Лаура Стојанова М-Нет