
Во сабота ќе се одиграат натпреварите од последното 33. коло на Првата македонска фудбалска лига со што ќе се затвори сезоната, а ќе остане само одигрување на баражот за опстанок.
Пелистер пред својата верна публика и пред „Чкембари“ ќе ја затвори сезоната во Првата лига во меч против Беса. Битолчани ќе сакаат триумф без разлика на исходот ќе завршат на шестата позиција на табелата, а од друга страна Беса ќе сака триумф со цел да може да дојде до ситуација и за директен опстанок, но ќе зависи од резултатот во Струмица.
Токму во Струмица екипата на Брера ќе игра со Работнички, а каде струмичани со триумф над „романтичарите“ ќе обезбедат директен опстанок за следната сезона во Првата лига, а во тој случај Беса ќе игра бараж за опстанок во Првата лига.
Во рамки на последното коло Шкендија на домашен терен ќе игра против Силекс, во меч каде тетовскиот тим ќе го подигне шампионскиот пехар и ќе ја прослави петтата титула со навивачите.
Тиквеш сезоната ја затвара на домашен терен во меч против ланскиот шампион Струга Трим Лум.
Во рами на ова коло слободни се екипите на Вардар и Шкупи, што значи дека Вардар сезоната ја заврши на 5. место со 45 бодови, а пак Шкупи на седмото место со 38 бодови.
Екипите на Воска Спорт и Гостивар се исфрлени во најнизок ранг на натпреварување.
Александар Ванев, М-Нет