
Лимента заштитна ограда во централно градско подрачје во Штип отстранета. Оградата која подолг временски период се наоѓаше на тротоарската површина во Штип заради изведување на градежни активности од страна на приватна фирма веќе ја нема. Во Општина Штип прашавме дали изведувачот веќе завшил со градежните активности или има друга причина поради која таканареченета заштитна ограда веќе ја нема. Комуналниот инспектор при Општина Штип истакна дека од нивна страна неправилности нема, упатувајќи не за повеќе информации кај градежниот инспектор. Тој вели дека по увидот на терен кој беше направен, констатирано е дека изведувачот нема соодветна дозвола за да го окупира тротоарот додека ги изведува своите градежни активности.
„Од наша страна е излезено на терен и констатирано дека изведувачот нема соодветна дозвола да постави таканаречена заштитна ограда на јавна површина, односно на тротоарот во центарот на Штип. Дозвола за градба има, ама не и за узурпација на тротоарот. Затоа е издадено решение оргадата да се острани и тротоарот да се обезбеди за минување на пешаци. Изведувачот реагираше согласно нашето решение и оградата е отсранета“ – вели градежниот инспектор.
За поставувањето на оваа ограда пред еден месец реагираат и граѓаните, пешаците и возачите. Несоодветна беше за сите бидејќи пешаците мораа да се движат по коловозот, онаму кадешто се движеа и возилата. Дополнително со поставувањето на оваа ограда беше заробена и таблата за некролози, па истите се лепеа на лимената ограда.
Лаура Стојанова М-Нет