
Пред македонските второлигаши е репрезентативна пауза, а потоа остануваат уште три кола за да се комплетира есенската полусезона во Втората фудбалска лига.
Еден од кандидатите во борбата за опстанок е екипата на Осогово од Кочани, која се наоѓа во бараж зоната односно на 14. место со осум бодови на своето конто.
Пред кочанските „жетвари“ е идеален распоред со кој полусезоната може да ја завршат надвор од опасната зона, односно да презимат на местата кои гарантираат директен и сигурен опстанок.
По 12 одиграни кола Осогово има учинок од две победи, две ремија и осум порази, а до крајот на есенската полусезона во игра остануваат уште девет бодови. Пред Осогово е многу важен и клучен момент, а репрезентативната пауза ќе треба да биде максимално искористена за екстра подготовки, план и анализа како да се освојат овие девет бодови.
По завршувањето на репрезентативнат пауза, а во рамки на 13. коло Осогово ќе гостува кај Новаци, меч каде „жетварите“ ќе мора да најдат рецепт за трите бодови, двете екипи им се вратија на победите во претходното коло, а Новаци на домашен терен е цврста екипа на терен каде тешко се освојуваат бодови. Овој меч ќе биде вистински тест за Осогово колку е подготвен за опстанок.
Веднаш потоа доаѓа големото дерби во Кочани меѓу Осогово и Каменица Саса дерби каде Осогово само три бодови гледа како цел, се останато ќе биде неуспех. Во рамки на последното 15. есенско коло Осогово ќе гостува кај Вардарски во Богданци меч идеален по мерка за „жетварите“ да дојдат до триумф.
Од овие три натпревари Осогово ќе мора да освои во најмала рака шест од можните девет бодови, со кои второлигашот од Кочани би можел да ја напушти опасната зона, но притоа значително да се одлепи од зоната за директно испаѓање, а значително да се доближи до зоната за директен опстанок.
Во секој случај пред Осогово е важен период со идеален распоред по мерка, кој треба максимално да го искористи ако сака сигурен опстанок, а притоа да не се случи ланското сценарио кога Осогово опстана во лигата во последното 30. коло.
Александар Ванев, М-Нет