Општина Свети Николе одбива барања за фотоволтаици на површини до четврта класа

Свети Николе ги одбива барањата за поставување фотоволтаици на земјоделски површини до четврта класа. На една од седниците на Советот на Општината од вкупно девет одбиени биле дури седум барања, а градоначалникот Дејан Владев вели дека територијата на Свети Николе е земјоделски крај и мора да се внимава на тоа.

„Постои огромен интерес од приватни инвеститори за изградба на фотоволтаици. Во претходниот период државното земјиште било оттуѓено и веќе има направено доста хектаража, а секојдневно стигнуваат барања од приватни инвеститори коишто имаат купувано земја од жителите на општина Свети Николе. Советот си има донесено став дека ќе се грижи за земјоделското земјиште, па затоа секое барање коешто е до четврта класа, што се плодни земјишта, а добар дел се и под систем на наводнување, со мнозинство го одбива. Точно е дека има енергетска криза, но треба да бидеме дека Свети Николе е овчеполски крај“, вели Владев.

Советот и Градоначалникот се на став дека секој што сака да постави фотоволтаици мора да внимава и на околните површини каде луѓето се занимаваат со земјоделство. Барањата не се поминуваат механички, вели Владев, туку се испитува како поставувањето на фотоволтаици на одредена површина ќе влијае на квалитетот на земјиштето.

„Ги повикуваме одговорните од Урбанизам, отвораме „гугл мапс“ и гледаме каде се наоѓа земјиштето, дали поминува систем за наводнување, дали може да штетат самите фотоволтаици на околината и на земјоделието, па дури потоа се одлучува дали да се даде одобрение или не. Може некаде да помине и четврта класа, ако е далеку од градот или нема систем, меѓутоа тешко“, додава Владев.

Досега Свети Николе има добиено триесетина барања за поставување фотоволтаици, а дневниот ред на секоја седница на Советот содржи од 5 до 6. Принципите кои треба да се исполнат за да се добие дозвола се поставувањето да не влијае на земјоделството, сточарството, пасиштата, како и на животот и здравјето на светиниколчани.

Ребека Спасова М-Нет