Овче Поле преку Симонов до триумф над Рудар, Тиверија со ШЕСТ гола го декласираше Малеш

Денес беа одиграни натпревари од 15. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност во живо преку директен пренос да го проследат дербито на Истокот помеѓу Рудар и Овче Поле во Пробиштип.

На Градскиот стадион во Пробиштип, Николче Симонов беше херојот за гостите од Свети Николе, кој со два гола ги обезбеди трите бодови, а конечниот исход беше 1:3 за ланскиот шампион во Трета лига – Исток, кој играше бараж за Втора лига, но беше поразен од Арсими.

Николче Симов го отвори резултатот во 38. минута со што Овче Поле дојде до водство од 0:1, резултат со кој се замина и на полувреме.

Стартот од вториот дел донесе брз гол за домашниот тим, кој преку искусниот голгетер Марио Атанасовски во 48. минута израмни на 1:1 и го врати Рудар во егал борба за трите бодови.

Сепак, само две минути беа потребни за гостите преку Јорданчо Трендафилов да го врати водството на 1:2. Рудар се обидуваше брзо да се врати во игра преку брз гол за ново израмнување, но сите обиди беа неуспешни, а Симонов со втор гол во 79. минута обезбеди двојна предност од 1:3.

Две минути подоцна Атанасовски ја стресе противничката мрежа и намали на 2:3, но сепак, голот беше поништен поради недозволена позиција, па домашните фудбалери протестираа, а од целата таа ситуација Матеј Мишков заработи црвен картон, па до крајот од мечот „рударите“ на терен беа со играч помалку, а трите бодови заминаа во Свети Николе.

Тиверија покажа моќ и доминација на Општинското фудбалско игралиште во Струмица, каде со високи 6:1 го декласираше Малеш од Берово, кој во вториот дел беше целосно инфериорен.

Јани Јанков уште во 11. минута го отвори Малеш и обезбеди предност од 1:0 за домашниот тим, а веќе во 23. минута Димитар Каракутовски си постигна автогол за водство на струмичани од 2:0. Пред крајот на првиот дел Митко Пачемски ја погоди противничката мрежа за 2:1 на полувреме.

Во вториот дел се случи „цунами“, откако гостите од Берово примија дури четири погодоци, а одбраната на Малеш се распадна „како кула од карти“ во финишот од мечот.

Александар Марков во 71. минута обезбеди двојна предност за Тиверија од 3:1, а по седум минути игра Сулимановски по четврти пат капитулираше, откако неговата мрежа ја стресе Филип Зиламов за високи 4:1. Мрежата на гостите продолжи да се тресе, откако Миле Ѓеоргиев во 84. минута погоди за 5:1, а конечните 6:1 ги постави Зиламов со втор гол во финишот од мечот.

Вардарски и Дојранско Езеро во Богданци го одиграа дербито на Југот, кое заврши без победник со по еден гол во мрежата (1:1). Гостите од Дојран уште во 5. минута од мечот стигнаа до водство преку Јован Ајцев од 0:1. Во вториот дел Димитар Пеев ја погоди противничката мрежа за конечните 1:1 и делба на бодовите.

Карбинци со 2:0 ја доби Академија Чешиново-Облешево на домашен терен и на своето конто впиша три бода. Домашниот тим на полувреме имаше предност од 1:0 благодарение на автоголот на Стефан Костадиновски, кој ја стресе сопствената мрежа во 16. минута од мечот. Во финишот на мечот Филип Сарафимов погоди за конечни 2:0.

Осогово со 2:1 славеше над Спартмани на домашен терен, а сите три погодоци ги постигнаа „жетварите“.

Тоше Манов беше двоен стренец на Градскиот стадион во Кочани, а Љубомир Ѓорѓиев си постигна автогол за конечни 2:1 и нови три бода за лидерот во Трета лига – Исток.