
Без драстични промени е моменталната ковид – ситуација во Источниот дел од државата. Во Клиничка болница Штип хоспитализирани се 46 ковид – пациенти, 38 во модуларната ковид – болница и 8 на Кожното одделение, кое работи како ковид – оддел. Во последните 24 часа идентичен е бројот на новопримени и оздравени пациенти, односно примени и испишани се по три лица. Од 46 хоспитализирани повеќе од половината, односно 30 пациенти се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се само шест пациенти. Слободни се четири места во модуларната ковид – болница и две на Кожното одделение, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Нема регистирирано ниту едно починато лице.
Во Кочани бројот на хоспитализирани пацинети на Интерното одделение, кое работи како ковид – оддел, е намален за време на викендот. Од болничко лекување потреба имаат 13 лица, од кои 4 се на кислородна поддршка, а исто толку има и слободни места. Во последните 24 часа и во кочанската болница нема регистрирано починати лица поради компликации од коронавирусот, информираат од болницата.
Во општините од Истокот активни се 597 ковид – случаи, најмногу во Штип – 233, а најмалку во Пехчево – 11.
Според информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.223.054 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 183.523, бројот на оздравени пациенти е 163.852, а на починати е 6.259.
Лаура Стојанова МНет