На полноќ завршува пријавувањето на ковид пациенти и лица во изолација за претстојните избори

Вечерва на полноќ завршува рокот за пријавување на ковид пациенти и лица во изолација кои нема да гласаат на 17 октомври, туку ден претходно на 16 октомври. До сега во ОИК Штип има пријавено само шест такви лица. Во меѓувреме, 145 пријави пристигнале од болни, изнемоштени и немоќни лица кои своето гласање ќе го остварат во домашни услови. Утре на седница на ОИК ќе се разгледуваат и обработуваат овие барања. Истовремено, претседателот на ОИК Виктор Вацев истакна дека избирачките места се подготвени за претстојните избори.

„Имаме ние рурални средни, значи ОИК заедно со подрачното одделение на ДИК во четвртокот направи обиколка на сите такви рурални избирачки места, ги посетивме, сите се во одлична состојба и може да ги спроведеме изборите. Општина Штип веќе склучи договор за превоз на избирачките одбори. Сето тоа е регулирано, исто така е регулирана и обврската која ја има општината да изврши дезинфекција на избирачките места, истите ќе се дезинфицираат во сабота и по завршување на изборите во недела вечер.“ – кажа Вацев

Избирачките места ќе бидат отворени во недела од 7 часот наутро до 19 часот навечер. Оваа година има 42 045 избирачи, остануваат 80 избирачки места, но 77 избирачки одбори бидејќи три избирачки места согласно законската регулатива каде што се под десет гласачи се спојуваат  кон нивното најблиско гласачко место.

Лаура Стојанова М-Нет