На екстремно високи температури жителите од беровско Ратево оставени без вода за пиење

На екстремно високи температури жителите од село Ратево, беровско оставени без вода за пиење. Велат дека на 40 степени тие подолг временски период немаат капка вода на чешмата, и ова е проблем кој според нив трае. Многупати до сега реагирале до Општина Берово и јавното претпријатие, но проблемот добива и друга димензија бидејќи станува збор за селски водовод кој не е под јавното претпријатие. Дел од жителите од Ратево велат дека не се согласни водоводот сами да го одржуваат, оти се свесни дека таму доволно вода нема. Бараат да се приклучат на градскиот водовод со цел да имаат редовно и нормално водоснабдување во текот на целата година. Без вода велат ситуацијата е доведена на работ на границата да се појават заразни болести или да се појави епидемија.

Зошто во село Ратево, на плус 40 нема вода за пиење прашавме во Општина Берово, но и во Јавното претпријатие „Услуга“ од Берово. Директорот, Илија Рунтевски, во телефонски разговор за М-Нет телевизија, истакна дека селскиот водовод не е во надлежност на јавното претпријатие.

„Значи, водоводот на село Ратево е на месната заедница, тие го одржуваат, тие се одговорни околу водоснабдувањето во селото. Јавното претпријатие нема надлежност за водоводот во село Ратево„ – вели Рунтевски.

Осовен селски водоводоен систем во Ратево, надвор од надлежност на јавното претпријатие „Услуга“ од Берово е и водоводот во село Дворишите. Од општината и претпријатието велат дека неколку пати до сега имало напори да се приклучат на градскиот водовод, ама против тоа биле селските месни заедници.

Лаура Стојанова М-Нет