Мицкоски: Треба да сме во техничката влада со личности кои ќе го чуваат демократскиот процес

ВМРО-ДПМНЕ треба да има свои личности во техничката влада, ова е ставот кој го истакна лидерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Свети Николе. Тој посочи дека во рамки на партијата ќе се одржат состаноци за да се утврди дали и останатите се согласуваат со неговиот предлог, да се предложат личности кои ќе имаат основна задача да го чуваат демократскиот процес.

„Периодов којшто следи ќе имаме состаноци во рамките на партијата, Извршниот и Централниот комитет. Тоа е мој став, ќе видиме како понатаму ќе се развива тоа и какви ќе бидат нивните ставови. Ценам дека е потребно учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада откако претходно понудивме да се интервенира законски и да се избрише овој имплант којшто, според нас, а и според многу уставни експерти е спротивен на Устав. Од страна на Владата тоа беше одбиено и ни рекоа дека од следните избори“, вели Мицкоски.

Тој најави дека укинувањето на техничката влада, секако, ќе се случи по изборите, а за тоа ќе поднесат и за законски измени во Собранието.

„Во име на тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе предложам да поднесеме законски измени во рамките на Парламентот за да од 1.1.2025/2026 година овој имплант биде избришан од Законот и веќе следните парламентарни избори да се случат без имплант-техничка влада. Но веќе кога е законска обврска, мојот предлог ќе биде да номинираме личности коишто ќе имаат основна задача да го чуваат демократскиот процес“, додаде Мицкоски.

Мицкоски додаде дека власта во периодот којшто следи ќе се обидува да создава проблеми и да ја украде волјата на граѓаните. Прво, тоа ќе го прави, вели тој, со расфрлање со пари за да создаде неликвидност на следната влада, а второ насилно ќе се однесува и ќе ја опструираат работата на Државната изборна комисија.

Ребека Спасова М-Нет