Мала промена на табелата во ТМФЛ – Исток: Хоризонт Турново службено го доби мечот со делчевска Брегалница

Мала промена на табелата во Трета лига – Исток направи службената победа на Хоризонт Турново над делчевска Брегалница, мечот од 17. коло заврши без победник од 1:1, но потоа домашниот тим најави жалба и истата беше прифатена со што мечот се регистрира со 3:0, а тоа значи три бода на контото на турновци, а тимот од Делчево остана без тој освоен бод.

Имено, по завршувањето на мечот како што претходно информиравме домашната екипа поднесе жалба бидејќи гостинот од Делчево во 9. минута направил измена играчот со број 16 кој бил младинец излегол од игра, а на негово место влегол играчот со број 42, кој не е младинец, па така екипата на Брегалница од Делчево направила прекршок на правилата и пропозициите за натпреварување, натпреварот го започнува со тројца младинци, а првото полувреме го завршува со двајца младинци, односно во 9. минута тимот од Делчево вади од игра младинец, а на негово место влегува фудбалер кој не е младинец, односно е над 21 година.

Жалбата на Хоризонт Турново беше прифатена и мечот се регистрира со службени 3:0, а ова направи мали промени на табелата. Хоризонт Турново е на третото место со 31 бод, а пак Брегалница Делчево е на 5. место со 18 бодови. На врвот е Овче Поле со 37 бодови, втор е составот на Победа Валандово со 32 бодови, со тоа што „калинкарите“ имаат два натпревари помалку и зависат сами од себе на патот кон првото место и баражот за Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет