Конечно е избран економски оператор кој ќе ги заловува кучињата скитници во Штип

Конечно е избран оператор коj ќе се занимава со хумано третирање на бездомните кучиња во Штип. По првиот неуспешен обид, градоначалникот Јорданов истакна дека на вториот повик имало пријавено фирма која ги исполнува условите и ќе се грижи за заловување и хумано третирање на кучињата скитници.

„Завршена е постапката, избран е економски оператор кој ќе заловува, третира бездомни кучиња. Имавме огормен проблем и сѐ уште имаме затоа што стационарот кој бил направен пред неколку години и за кој се потрошиле милионски суми пари на граѓаните не функционира, нема соодветни стандарди и услови по кои е изработен и затоа тој проблем се провлекува и ден денеска. Завршена е постапката, економскиот оператор во наредните денови се оекува да потпише договор со Општина Штип, ние ќе бидеме во комуникација и консултација со здруженијата за заштита на животни, исто така надзор над економскиот оператор дали соодвестува со сѐ она што е предвидено во тендерската документација да ги заловува, третира и чува бездомните кучиња“ – кажа Јорданов.

Јорданов истакна дека избраниот економски оператор ќе има за задача хумано да ги третира кучињата скитници во приватен стационар, а истовремено ќе се врши и надзор за тоа како се извршуваат работите.

„Економскиот оператор кој ќе ги заловува и третира бездомните кучиња ќе има обврска да го прави тоа во приватен стационар и покрај тоа што Општина Штип во минатото потрошила огромни средства на пари за изградба на стационар во сопственост на општината. Се надевам дека како што ќе ги решаваме другите проблеми со кои се затекнати нашите сограѓани ќе успееме да го решиме и овој проблем во рамките на Законот.“ – додаде Јорданов.

Проблемот со кучињата скитници во Штип се провлекува со години, откако се прекина договорот со ветеринарната станица која како оператор се грижеше за киучињата оставени на улица. Стационарот не работи, па затоа секојдневно по улиците во Штип може да се забележи глутница кучиња оставени сами на себе. Првиот јавен повик пропадна бидејќи немаше пријавено ниту една фирма која ги исполнува условите кои се бараа од страна на општината.

Лаура Стојанова М-Нет