
Коледарските огнови традиционално се запалија и годинава. Вчеравечер и во повеќето населби низ Штип можеа да се забележат традиционалните маалски собиранки со погача, песни, храна и пијалоци. Старата традиција која е предвесник на Бадник граѓаните ја практикуваат како можност за зближување за време на празниците. Според народните верувања, оганот се пали за коледарите да се стоплат пред одењето од врата на врата, кога го навестуваат Христовото раѓање. Според други верувања, пак, огнот е симбол на оној во пештерата Христова.
Иако и годинава ставовите на МПЦ беа поделени, сепак огновите не изостанаа. Свештениците се поделени во ставот околу палењето на огновите и општата веселба. Дел од нив апелираат да се напушти славењето на Бадник со големи огнови на јавни места, со веселби на кои се пие алкохол, се јаде многу месо и се слуша гласна музика, бидејќи оваа традиција е паганска практика и не е во духот на Бадник, кога треба да се покаже скромност и воздржаност. Посната бадникова вечера како навестување на големиот христијански празник на Христовото раѓање е спротивна на ваквите практики и треба да го сплоти семејството, а полноќната божиќна литургија не смее да бидe заменетa со маалските огнови. Други, пак, сметаат дека нема ништо паганско во овој чин.
Претходно анкетата која ја направи екипата на М-Нет покажа дека граѓаните сметаат оти треба да се зачува традицијата, а не да се напушта. Ваквиот став се покажа и вчеравечер кога традицијата се практикуваше низ Штип.
Ребека Спасова М-Нет