Карбинци домаќин на шампионот Овче Поле, Осогово и Малеш сакаат три бода

Денес се играат натпреварите од 5. коло од Третата македонска фудбалска лига.

Екипата на Карбинци на домашен терен ќе се соочи со актуелниот шампион Овче Поле, во меч каде домашниот состав сака продолжува на победничката серија против екипата од Свети Николе која минатата сезона играше бараж за влез во Втора лига.

Карбинци е силно мотивиран за ново изненадување против фаворитот Овче Поле, особено откако во минатото коло забележа висока победа од 1:4 во локалното дерби против Академија Чешиново-Облешево, додека пак претходно со високи 3:0 го декласираше Спартмани.

Овче Поле е актуелен лидер на табелата со 10 бодови, има скор од три победи и едно реми, а денес ќе мора да го обезбеди целиот „плен“ доколку сака да остане на врвот од табелата, бидејќи во спротивно Тиверија со триумф над Дојранско Езеро ќе биде нов лидер, а Осогово, Карбинци и Малеш ќе имаат можност да се израмнат со Овче Поле.

Рудар на домашен терен ќе се судри со Брегалница од Делчево во меч каде трите бодови ќе бидат императив и за двете екипи. И домаќинот и гостинот има идентична форма од две победи и два порази, а денес ќе се борат за трето сезонско славје на Градскиот стадион во Пробиштип.

Ланскиот второлигаш Осогово, кој важи за фаворит за освојување на врвот од табелата, а со тоа и можен експресен кам-бек во второлигашкото друштво преку баражот, загуби неочекувано од засилениот Спартмани во Градско Балдовци со минимални 1:0 во претходното коло.

Денес „жетварите“ силно ги посакуваат трите бодови, а во дуелот против Академија Чешиново-Облешево, Осогово ќе биде голем фаворит за трите бодови.

Вардарски од Богданци по долги години се врати во третолигашкото друштво на Истокот, но сезоната ја стартуваше катастрофално, откако по четири одиграни кола нанижа исто толку порази и е единствената екипа без освоени бодови на стартот од новата сезона. Денес, Вардарски ќе биде домаќин на Спартмани од струмичко Градско Балдовци, каде последнопласираната екипа ќе се потпира на домашниот терен и домашната публика за прва сезонска радост, додека пак Спартмани на формата и квалитетот за нов триуф и прогрес кон повисокиот дел од табелата.

Тиверија на Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева во Струмица ќе го пречека составот на Дојранско Езеро од Дојран. На овој меч сосема очекувано фаворитската улога ќе биде на страната на струмичани. Во претходното коло Тиверија со 1:2 славеше во дербито против Малеш во Берово и се искачи на второто место на табелата со бод негатива во однос на лидерот Овче Поле. За гостите од Дојран се освен пораз ќе биде позитивен исход од тешкото гостување во Струмица.

Победа на Градскиот стадион во Валандово ќе го пречека беровски Малеш. На хартија фаворит за трите бодови ќе биде Малеш, кој силно ги посакува трите бодови после поразот од Тиверија на домашен терен со цел да остане во чекор со конкурентите за баражот.

Победа има само една победа во дербито со Вардарски и нанижа три порази, па така, за валандовчани, се освен пораз ќе биде позитивен исход во тешкиот натпревар против гостинот од Берово.

Сите натпревари ќе стартуваат во 14:00 часот, освен дуелот меѓу Тиверија и Дојранско Езеро, кој ќе започне еден час подоцна, односно во 15:00 часот.

  • Делегирани судии 5. коло ТМФЛ – Исток:

Рудар – Брегалница Делчево, Здравко Костовски (Штип)
Карбинци – Овче Поле, Тоше Џамов (Кочани)
Осогово – Академија Чешиново-Облешево, Петар Михаилов (Кочани)
Вардарски – Спартмани, Иван Танев (Гевгелија)
Тиверија – Дојранско Езеро, Иван Јанев (Штип)
Победа Валандово – Малеш, Јордан Јовановски (Гевгелија)

Целата табела од Трета лига – Исток пред почетокот на денешната петта рунда: