
Продолжуваат кампањите за процесот на имунизација од страна на Министерството за здравство.
„Последните анализи на Националниот институт за јавно здравје на Италија покажуваат дека по февруари, речиси 99 отсто од смртните случаи од Ковид-19 се евидентирани кај лица кои не биле целосно вакцинирани. Во официјалниот извештај на Институтот е наведено и дека бројот на смртни случаи кај оние со две примени дози од вакцината изнесува околу еден процент, а станува збор за лица кои имале здравствени проблеми и пред инфицирањето со коронавирус, со просечна возраст од над 88 години. Соодносот помеѓу бројот на нови случаи и вкупниот број на население, пак, е десет пати помал кај вакцинираните отколку кај невакцинираните лица, што е силна потврда на ефикасноста на вакцините.“, објави Министерот Филипче на својот фејсбук профил.
Тој даде примери и од другите земји, како што се Шпанија, Белгија, Обединетото Кралство и САД според кои се забележува пораст на хоспитализациите и смртните случаи меѓу невакцинираното население.
„Во Шпанија од крајот на јуни, над 83 отсто од починатите лица биле невакцинирани, а 11,4% биле нецелосно вакцинирани. Во Обединетото Кралство 60 отсто од хоспитализираните лица биле нецелосно вакцинирани, како и во Белгија, каде скоро половина од инфицираните кои биле хоспитализирани со тешка клиничка слика не ги примиле двете дози на вакцината.
Во Соединетите Американски Држави, пак, скоро 100 отсто од вкупниот број на хоспитализации се забележани кај неимунизираното население, а според податоците од јуни, 98 до 99 отсто од починатите воопшто не биле вакцинирани.“, додаде Министерот.
Инаку, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови во државата. Во Штип прва доза вакцина се прима во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, а ревакцина во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Влезот е слободен, без закажување за сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат.
Бројот на заинтересирани граѓани за вакцинација е задоволителен и има доволен број вакцини за да се покрие истиот. На граѓаните во најголем број им се достапни „Синовак“ вакцини. За ревакцина, пак, има достапни и „Фајзер“ вакцини за сите оние коишто ја примиле како прва доза. За граѓаните над 60 годишна возраст достапни се и „АстраЗенека“ вакцини.
Децата, пак, мора да бидат пријавени преку сајтот вакцинација.мк и за нив достапна вакцина е „Фајзер“. Сепак, сè уште е слаба заинтересираноста на деца за вакцинација.
Од Министерството за здравство апелираат на вакцинација, бидејќи, како што велат тие, таа е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Тоа е и начин да се спречи враќањето на рестриктивните мерки, а да се врати нормалното секојдневие.
Лаура Стојанова М-Нет