
Новата сезона во Втората македонска фудбалска лига ќе започне на 23 август со дури пет нови членови. Екипите на Шкендија Арачиново, Слога Виница, Големо Коњари, Преспа и Тетекс се повратници во второлигашкото друштво.
Шкендија Арачиново, Големо Коњари и Преспа се враќаат после долги години во Втората лига, Тетекс направи експресен кам-бек, а по две сезони се врати и Слога од Виница.
Речиси најголемиот дел од второлигашите во минатото биле дел од Првата лига, играле и европски квалификации, а екипата на Победа е поранешен шампион на Македонија.
Вкупно 16 екипи ќе се натпреваруваат во сезона 2025/2026, но поради кратењето на лигата дури пет екипи ќе испаднат директно, а три ќе играат бараж за опстанок, што значи дека за сигурен и директен опстанок екипите ќе се борат да завршат во првите осум на табелата.
Веќе е познат и распоредот за првото воведно коло. На градскиот стадион во Штип екипата на Брегалница ќе го пречека составот на Кожуф, ова ќе биде соочување и на два штипски стратези Влатко Костов против Иван Варадиновски.
Првото коло го носи и дербито на Истокот во Македонска Каменица меѓу Каменица Саса и Осогово, а пак дерби на две екипи кои имаат амбиции за Прва лига ќе се игра на стадионот „Билјанини Извори“ меѓу Охрид и Беласица.
Скопје на домашен терен ќе го пречека повратникот Слога од Виница, а пак новиот второлигаш Големо Коњари ќе биде домаќин на радовишки Детонит Плачковица.
Пелагониско дерби на Новаци и Победа, а пак Преспа ќе игра со екипата на Шкендија од Арачиново, додека пак Вардар Неготино ќе игра против повратникот Тетекс.
Вака ќе изгледа првото коло кое ќе биде најава или вовед во една неизвесна сезона, во сезона каде речиси најголем дел од екипите се израмнети и ќе се очекува голема борба на терените низ Македонија за секој освоен бод.
Во однос на минатата сезона сега Втората лига ќе биде распространета речиси низ целата Македонија, бидејќи минатата сезона поголем дел од второлигашите беа во Источниот дел.
Во новата сезона второлигашки фудбал ќе има во Штип, Гевгелија, Автокоманда, Виница, прилепско Големо Коњари, Радовиш, Каменица Саса, Кочани, во општина Новаци, Прилеп, Охрид, Струмица, Ресен, Арачиново, Неготино и Тетово.
Александар Ванев, М-Нет