И овој петок раздвиженост на градскиот пазар во Штип, најмногу се купуваше зелка и праз

Овој петок зелката и празот – тренд на градскиот пазар во Штип. Продавачите на овие зелени зеленчуци задоволни од побарувачката и раздвиженоста на штипјани. Зелката можеше да се најде по цена од 20 до 30 денари, a празот од 200 до 300 денари.

„Многу убаво, добро е. Има излезено народ, си пазаруваат. Цената е иста. Зелката – 25, празот од 200 до 250, тие се цените“, вели продавач на зелка.

Според продавачите, пазарот не е значително поскапнат за разлика од претходниот петок. Купувачите, пак, различно ја гледаат пазарната состојбата. Освен празот и зелката, многу се купува и овошје, но и постојано актуелните компир, домат, пипер.

Граѓаните велат:

„Има и евтино, има и поскапо. Зависи од квалитетот.“

„Скап е, ама земаме по нешто, овошје да има да се освежиш, зеленчук.“

„Исто е како и претходниот петок, не е променето.“

„За кого – како, кој колку има. Само за земјоделецот е тешко, а продавачите е лесно. За мене е исто, нема некоја разлика во цените.“

„Има мало покачување на градинарските култури, но има и пад, на пример кај карфиолот. Сепак, цените се покачени и не одговараат на стандардот на просечниот граѓанин во Штип и во околината. Примањата се скромни и не може секој да си дозволи да купи.“

И покрај тоа што годинава заклучокот е дека цените растат, а платите стагнираат, граѓаните се редовни на градскиот пазар секој петок за да ги купат основните производи за прехрана. Согласно со мислењата на продавачите пазарната ситуација е на средно ниво.

Ребека Спасова МНет