Истокот без прволигашка кошарка – како ќе изгледа Првата лига следната сезона?

Следната сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија нема да има ниту една екипа на Истокот, односно источниот дел на Македонија нема да може да следи прволигашка кошарка.

12 екипи ќе бидат дел од кошаркарската елита на Македонија, а најголем дел доаѓаат од Скопје, и тоа дури седум екипи, а тоа се шампионот МЗТ Скопје, ТФТ, Работнички, Чаир, Феникс, Маџари и Ангели, по една екипа доаѓаат од други градови односно МКК Куманово од Куманово, Пелистер од Битола, Кожуф од Гевгелија, Тиквеш од Кавадарци и екипата на Гостивар од Гостивар.

Екипата на Соколи од Штип беше блиску до можноста да обезбеди влез во Првата лига, но загуби од тимот на Ангели и на тој начин Штип, но и Истокот останаа без можност за прволигашка кошарка.

Екипите на Ангели и Маџари обезбедија влез во Првата лига, а пак од елитата испаднаа Вардар и Шкупи. Во новата сезона МЗТ Скопје ќе ја брани шампионската титула.

Александар Ванев, М-Нет