Интересот за фотоволтаици зголемен и во Зрновци, Општината ќе обезбеди индустриска зона

Интерес за поставување фотоволтаици бележи и Општина Зрновци. Во моментот изработува урбанистички планови за парцијализација на индустриски зони кои ќе бидат наменети за изградба на фотоволтаични централи. Градоначалникот, Борчо Коцев, посочува дека првично за ова ќе бидат наменети пет хектари, а парцелите до јуни ќе се стават на лицитација.

„Станува збор за дел од земјиште што веќе е во урбанистички план и е со намена за фотоволтаици, а останатото е пасиште и категорија од шеста класа на земјиште согласно со упатствата и од Влада и од соодветните институции, каде што плодното земјиште треба да го користиме за производство на земјоделски производи“, вели Коцев.

Интерес има и за поставување фотоволтаици на кровните конструкции од индивидуалните објекти со моќност до 40 киловати, особено поради поедноставувањето на постапката со законските измени. Во моментов за ова во постапка се 12 семејства. Но дел од градоначалниците бараат моделот за плаќање на концесија за рударството и хидроцентралите, да се применува и за сончевите централи, со што би имале дополнителни приходи во Буџетите на Општините.

„Општините не добиваат некој бенефит од поставување на овие фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, бенефитот го добива самиот инвеститор. Општините добиваат комунална такса за изградба на тие фотоволтаици, единствено нешто е доколку се направат соодветни законски измени за Општините да бидат корисници на поголеми финансиски бенефити од тие поставени фотоволтаици“, посочува Коцев.

Локалната самоуправа засега има поставено фотонапонски панели на општинската зграда, спортска сала и детска градинка. Планира да го зголеми бројот на општински објекти со фотоволтаици, а порамнување ќе врши на секои шест месеца во договор со ЕВН и така ќе се знае точната заштеда.

„Бевме во план да аплицираме за поставување на Дом во Мородвис и Дом во Видовиште, но самите кровни контсрукции не одговараат за поставување. Ние припремаме проектна документација за изградба на магацински простор за Општината и Јавното комунално претпријатие и самиот кров ќе биде предвиден и свртен југоисточно за да биде наменет за идно поставување на фотоволтаична централа“, додава Коцев.

Зголемувањето на цените на струјата на европските берзи, го зголеми интересот за производство на струја од сонце. Само лани Регулаторна комисија има издадено дозволи за поставување на 267 постројки.

Ребека Спасова М-Нет