Дујовски и Стоименовски нови засилувања за Победа

Прилепскиот прволигаш Победа во пролетниот дел влегува со значително изменет тим, а како најнови засилувања беа промовирани и Владимир Дујовски и Оливер Стоименовски.

26-годишниот Дујовски во Победа пристигнува од редовите на Каменица Саса, а во својата кариера штипјанецот има настапувано и за Брегалница, Кит Го од Пехчево, Малеш од Берово и Хоризонт Турново.

23-годишниот Стоименовски во Прилеп доаѓа од редовите на Македонија Ѓорче Петров, а претходно беше дел од екипите на Борец од Велес, Работнички, а беше дел и од Карабаг во Азербејџан.

Претходно, како што објави телевизија М Нет, Победа се засили со Ване Јованов од Каменица Саса, Андреј Кудија од Кожуф, Арменд Алиу од Гостивар, Лука Трајковски од Борец, српските интернационалци Василије Делибашиќ и Миодраг Петковиќ и израелскиот интернационалец Салеем Фавахри.