
Денес ќе биде комплетирана 12-тата рунда од Втората македонска фудбалска лига, која беше отворена вчера со двата воведни натпревари, а гледачите на М Нет може да го следат во живо дербито на колото меѓу Охрид и Гостивар.
Денес нашите гледачи ќе имаат можност да проследат уште еден второлигашки натпревар, во ЖИВО од Радовиш телевизија М Нет ќе врши пренос на дуелот меѓу Детонит Плачковица и Беса од Добри Дол.
Најдобриот второлигаш на Истокот предводен од штипскиот тренер Горан Здравков ќе атакува на седми сезонски триумф и со тоа можност да се врати на четвротот место, место кое води во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.
Поразот на Охрид вчера на „Билјанини Извори“ од Гостивар (1:2), дава шанса радовишани по едно коло повторно да се вратат на местата кои водат во ПМФЛ.
Од друга страна Беса од Добри Дол која веќе втора сезона по ред се натпреварува во второлигашкото друштво е во мала резултатска криза, откако впиша два последовалните порази и се спушти на деветото место на табелата со 14 освоени бодови.
Детонит Плачковица на домашен терен нема пораз и има серија од пет победи и едно реми против Вардар (1:1), па со ваква фантастична статистика, кога ќе се додаде и верната публика, радовишани денес ќе важат за големи фаворити на дуелот против Беса која на гостински терен нема статистика за пофалби.
Инаку, за гледачите на М Нет телевизија Беса пред три сезони стана шампион на Трета лига – Запад, и обезбеди историско учество во Втора лига – Запад минатата сезона, одигра одлично и заврши на шестото место на табелата, а сезонава влегува со амбиции за сигурен опстанок и висок пласман на табелата.
Главен судија на мечот ќе биде Марјан Дејаноски од Кичево, а мечот ќе стартува во 13 часот.
Покрај дуелот во Радовиш, денес во Гевгелија силите ќе ги одмерат Кожуф со Слога од Виница, Борец ќе биде домаќин на Саса во обид велешани да го забележат првиот позитивен резултат сезонава, Караорман ќе ја пречека Локомотива, Пелистер ќе биде домаќин на Тетекс, а пак на „Железарница“ ќе се игра дуелот на Вардар и Беласица.
Колку за потсетување, вчера Охрид загуби од Гостивар со 1:2, а пак Воска Спорт со 1:2 славеше на гостувањето кај Арсими во Чегране.