
15 години квалитет, вака Јоцо Иванов од с. Стар Караорман ја опишува својата долгогодишна работа во земјоделството и производството, главно, на домати. На површина од еден декар, секоја година сади околу 3.000 корена кои даваат по најмалку четири килограми домати, со што на годишно ниво добива околу 12 – 15 тона. Вели за квалитетен домат потребно е многу работа, вложување и секојдневна заложба.
Тајната за квалитетот на доматите, вели Иванов, е ѓубривото, но и тоа што не ги прска. Доматите се мета на напад од штетници, ама и покрај тоа тој не употребува пестициди, туку она што уништено се чисти и фрла.

И наводнувањето е исклучиво со природна вода, а има и алтернативен систем, бидејќи во последно време од истата има сѐ помалку. Садењето е на почетокот на месец јануари, а во март се расадува внатре. До средината на април се постојано во фолија, каде внимаваат на плинските боци и печките со кои се затоплува истата.
Потоа доматите завршуваат на тезга. Периодов Иванов ги продава покрај регионалниот пат Штип – Плачковица во селото, веднаш пред неговата куќа. Вели цената не претрпува промени оти не се исплаќа ако ги даде поевтино, но кога некој ќе земел од таму, веќе од друго место не купувал. Луѓе доаѓаат и од други градови за да купат, а има и нарачки во поглема количина.
Освен доматите, произведува и краставици и пиперки, но во помала количина. На нивата има и јагоди и малини, таму се наоѓа и рибник, а чува и пчели. Во целата работа му помага семејството. И за да си земјоделец, треба да знаеш како, заклучува Иванов.
Ребека Спасова М-Нет