Добре Иванов: Куп трофеј посветен на Ѕинго,воедно искрени честитки за Брегалница

Екипата на Силекс од Кратово по трет пат во својата фудбалска историја е освојувач на најдрагоцениот трофеј – пехарот во најмасовното натпреварување – Купот на Македонија. По цели 24 години екипата на Силекс предводена од тренерот Горан Симов успеа да дојде до овој триумф по 90 минути игра која заврши без голови, така беше и во продолжението два пати по 15 минути за да во пенал рулетот Силекс славеше против Академија Пандев со резултат 4:3. Првиот Куп трофеј Силекс го освои во 1994 г. , вториот во 1997 г. за да сега по освоениот трет трофеј ќе настапи во ново формираната Конференциска лига на УЕФА. За најновиот триумф на Слиекс ексклузивно за Мнет ТВ разговоравме со почесниот член на раководството на Силекс, Добре Иванов.

-„ Тимот на Силекс преставува цврст и стабилен фудбалски клуб кој остварува резултати врз основа на долгорочен план и програм a на успех преку ноќ. Сите играчи се заслужни за овој голем фудбалски успех, без да потенцирам или издвојам некого, ова е резултат на колективна, тимска работа и за да се дојде до финалето требаше да се елиминираат и да се поминат сите препреки. Можеби играта во финалето не беше добра за око, но во преден план беше тактички да се одигра и да не се прими гол, за да на крајот психички се докаже, покаже и да се успее со изведувањето на пенали. Едногласна е одлуката на сите играчи и раководството на клубот овој исклучително вреден трофеј да се посвети на починатиот долгогодишен прв човек на Силекс, Љубомир Иванов- Ѕинго кој го трасираше патот и е најзаслужен за историјатот и за мошне успешниот развој на тимот на Силекс. На нашиот Силекс му останува уште една тешка и макотрпна битка во бараж средбата со Тиквеш од Кавадарци околу опстанокот во Првата лига на Македонија. Иако играчите се заморени од ваквиот развој на настаните сепак се надевам дека Силекс и во овој дуел ќе застане цврсто, одговорно и во рамките на зацртаните тактички планови на стручниот штаб и ќе избори опстанок во Првата фудбалска лига на Македонија. Воедно ја користам приликата на фудбалски Штип, на тимот на Брегалница кој ни е стар и одличен спортски пријател, да им го честитам првото место во Втората лига и враќањето во Првата Македонска лига каде што им е и заслуженото место“. – изјави Добре Иванов.

Спортската редакција на Мнет ТВ во рамките на својата програмска шема ќе врши директен пренос од бараж натпреварот Силекс – Тиквеш кој што ќе се одигра на националната арена „Тодор Проески“ во вторник 25 мај со почеток во 16 часот.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk