
Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од седмата рунда на Втората лига, но овој викенд наместо во сабота ќе се одиграат во недела, бидејќи потоа следува репрезентативна пауза.
Дербито на колото се игра во Штип каде ќе се решава за првото место на табелата, лидерот Брегалница против Кожуф од Гевгелија. Штипските „сини“ имаат 14 бодови и се лидери на табелата, а ќе се соочат со тимот од Гевгелија кој во новата сезона сака да заврши во горниот дел од табелата и од втор план да избори промоција во Прва лига.
Тренерот на Брегалница, Трајче Сенев е поранешен тренер на Кожуф, а неколку играчи на Брегалница во минатото беа дел од Кожуф.
Домашниот терен и поддршката од домашната публика ќе биде предност за Брегалница, но Кожуф во Штип доаѓа во победничка серија и ќе сака да се надигрува против Брегалница, практично ова ќе биде дуел на двете досега непоразни екипи. Кој прв ќе загуби во новата сезона, кој ќе се радува на трите бодови и дали ќе има промена на врвот од табелата одговор ќе даде дербито во Штип.
Арсими на домашен терен ќе бара три бодови против против Вардарски, гостинот од Богданци нема триумф во новата сезона, но гостувањето кај Арсими за нив ќе биде многу тешко, но Вардарски и нема што да загуби може само да добие од фаворитот Арсими.
Башкими е во одлична резултатска кондиција и против Победа ќе бара нови три бодови, а со тоа можност и да се пробие на врвот од табелата. Башкими оди со цели за влез во Прва лига, а за прилепчани и бод е успех против фаворитот.
Беласица дури во седмото коло ќе го бара првото сезонско славје, победата за нив веќе е неопходна, а ќе ја бараат на домашен терен против Каменица Саса која влезе во победнички ритам со две брзани победи со кои се искачи во средишниот дел од табелата.
Борец дојде до една победа со новиот тренер Даниел Стојановски, но потоа загуби два клучни натпревари во борбата за опстанок од Каменица Саса и Осогово во гости, а в недела ќе има тежок меч против поранешниот прволигаш Скопје на домашен терен каде опција за велешани ќе бидат само трите бодови.
Детонит Плачковица на домашен терен ќе се соочи со Вардар од Неготино во меч каде домашниот тим е во одлична резултатска форма, а пак гостинот е во резултатска криза која се рефлектира со четири порази во низа. Радовишани ќе бидат фаворити на свој терен, а за гостинот трите бодови ќе бидат цел во секој друг случај ќе имаат уште поголема резултатска криза.
Ланскиот прволигаш Македонија ЃП на домашен терен како фаворит ќе го пречека Осогово од Кочани во дуел каде „лавовите“ одат на три бодови и ќе чекаат кикс на Брегалница за да застанат на врвот во однос на „жетварите“ кои во Ѓорче патуваат по позитивен резултат, па било тоа и реми кое ќе значи голем бод за тимот од Кочани.
Охрид на домашен терен ќе бара трета победа во низа и можен скок од две места на табелата против Новаци кој одлично ја отвори сезоната. Охрид по тренерската промена конечно излезе од резултатската криза и тоа носи позитивни сигнали дека охриѓани ќе се пробијат и во првата петорка.
Сите натпревари се играат в недела од 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет