
Малешевијата останува се повеќе со повозрасно население, па земјоделието и сточарството како гранки полека ги снемува. Ова се должи на фактот дека веќе нема кој да работи земјоделие, ниту пак да одгледува стока. Дали работници од странство по примерот на Свети Николе би се прифатиле и во Берово го прашавме градоначалникот, Звонко Пеќески. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија вели дека до него до сега нема пристигнато барање за увоз на работници, но и додава дека доколку би работеле оваа пракса од Свети Николе би можело да ја има и во Берово.
„До сега кај нас во Локланата самоуправа во Берово нема пристигнато барање од страна на земјоделците и сточарите за увоз на работна рака. Но, ако има работници кои ја знаат работата и ако навистина има потреба може да дојдат работници од Индија, Непал на пример.“ – вели Пеќески.
За разлика од Берово и Малешевијата, во Општина Карбинци и Чешиново – Облешево нема потреба за увоз од работници. Градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов посочи дека сточарството и земјоделието се намалени заради иселувањето, не заради недостигот на работници.
„Од она што го имам како информација со приватниот сектор, е дека засега е стабилен бројот на вработени и оние кои работат во овие дејности, но намалувањето на сточниот фонд, но обработливите површини се намалуваат заради иселувањето“ – вели Паунов.
Во Свети Николе првите работници од Индија пристигнаа пред две недели кога почнаа да работат на фарма и во млакара. За неколку години се очекува да работници од Непал да пристигнат и во текстилната индустрија.
Лаура Стојанова М-Нет