
Да не се пали оган на отворено, особено земјоделците да не ги палат земјоделските остатоци, ако се забележи оган веднаш да се пријави – пожарникарите апелираат граѓаните да бидат внимателни за да не се повтори летото 2021. Командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев вели дека треба да се зголемат кампањите за да се подигне свеста кај граѓаните.
„Да не се пали оган на отвортено место и необезбедено место, земјоделците да не палат стрништа и други земјоделски посеви, да не се пали отпад и лесно запаливи материи а граѓаните имаат должност доколку видат оган на отворено да известат, прво на 193 за да може да се реагира да не дојде до пожари со поголеми размери. Со кампањи треба да се уклучиме за да можат земјоделците, да им се даде апел да не ги палат стрништата бидејќи од едно запалено стрниште може да дојде до многу голема материјална штета.“ – вели Коцев.
Апел упатија и од ДПД Кочани. Како друштво кое се формираше како последица од пожарите во Кочани летото 2021 година, претседателот посочува дека во наредниот период ќе имаат активности со цел да не дојде до пожари на отворено.
„ДПД Кочани како дополнителни мерки во периодот кој ни претстои се додека температурите се високи ќе спроведе неколку акции за превенција на одредени пунктови кои водат до планинските места. ДПД во своето неполно двегодишно постоење успеа да обезбеди неколку возила“ – посочи Илијев.
Подготвени за летниот период се и штипските пожарникари. Имаат опрема доколку мораат да интервенираат на пожар на отворено.
„Со заедничка соработка со Локалната самоуправа и лер тимот во Општина Штип ние успеавме да набавиме две нови возила. Набавивме одела за шумски пожари и пожари на отворен простор и за урбана средина. Набвивме и пумпи за црпење на вода на атмосферски води во случај на поплави. Во овој дел сме добро опремени како противпожарна единица.“ – додава Коцев.
Пожарите кои го зафатија Истокот пред две години зад себе оставија огромна штета.
Лаура Стојанова М-Нет