
Да не се купуваат овци и кози од местата каде што има овча сипаница, да не се мешаат стадата со други стада и редовно да се прави дезинфекција – се главните препораки што ветеринарите им ги упатуваат на сточарите. Предупредуваат дека болеста лесно се шири преку директен контакт меѓу животните и може да предизвика големи штети. Затоа апелираат сточарите да бидат внимателни при набавка на нови грла и да ги почитуваат мерките за заштита.
,,Како препорака до самите сточарите, би кажал да не купуваат овци и кози од заразените подрчајата каде што е утврдена овчата сипаница и да не ги мешаат своите стада со други стада, бидејки на тој начин дирекно се пренесува со директен контакт меѓу овците и би им препорачал мнгоу често да прават дезинфекција во овој период од годината, се со цел да ги заштитат своите стада од ширењето на оваа смртоносна болест.“, рече Бреслиев
Иако во Општина Штип засега нема регистрирани случаи на овча сипаница, болеста е потврдена во повеќе општини во источниот дел на земјата. Ветеринарите предупредуваат дека станува збор за заразна болест која брзо се шири, нема вакцина и предизвикува големи економски штети кај сточарите.
,,Можеме да кажеме дека во Општина Штип нема овча сипаница. Значи во кочанска област, светиниколска и некои други места. Од источна Македонија болеста е јавена. Значи тоа е болест, која се бргу шири и ги напаѓа овците. За жал кај повеќето јариња и јагниња може да биде смртоносна. Вакцина за оваа болест не постои и можам да кажам дека економските штети се големи за самите сточари, а ние како држава требаше мнгоу порано ова да го предвидиме и да се внесе вакцина со цел да се заштити добитокот од ширењето на оваа болест.“, кажа Бреслиев
Ветеринарите велат дека сега е најважно сточарите да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките за да ги заштитат своите стада. Порачуваат дека само со навремена превенција може да се спречи ширењето на овчата сипаница и да се избегнат големи загуби.
Иван Митев, М-Нет