Голем број верници, музика и оро – одбележан празникот во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во населба Баби

Голем број верници денеска масовно ја посетија црквата „Свети Кирил и Методиј“ во штипската населба Баби. Со музика и оро како и со манастирска манџа се одбележа празникот посветен на светите браќа. Верниците запалија свеќа, со желби за здравје, мир и бериќет. Настанот беше збогатен со музички имиња кои ги забавуваа присутните, како и со поставени тезги.

„Денеска е денот на светите просветители Кирил и Методиј. Овде се одбележува денот во храмот кој го носи нивното име.“ – вели Предојевиќ.

Денеска имаше и лицитација на икони кои се продаваа, а собраните средства се наменети за доизградба на црквата. Како што посочија од црковниот одбор финансиски средства се потребни повеќе од било кога, за да може црквата да се дозигради и уреди и да може да се освети.

„Овој храм е во изградба, треба мачкање, дотерување така да потребни се многу финансиски средства за да се заврши овој храм. Се молат сите верници, кои се во можност да донираат за побрзо да се освети овој храм“ додава Предојевиќ.

Црквата „Свети Кирил и Методиј“ во населбата Баби во Штип се гради три децении со средства кои се собираат или од донации. Целта е жителите од оваа населба да имаат свој храм.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет