
Ниските плати, скромниот живот и немањето работа се главните причини за заминувањето на светиниколчани од родните огништа. Италија, Германија, Швајцарија се нивните дестинации, каде тие мигрираат и вадат карта за во еден правец. Оние што остануваат претежно едвај врзуваат крај со крај, па дури често се и без работа немајќи каде соодветно да работата.
“Младите се повеќе во странство. Причината е што овде има мала плата, а тие си заминуваат за поголеми финансиски средства. Тие што остануваат не можат да врзат крај со крај. Некој седат под сенка цел ден и чекаат од родителите да има дадат малку леб, има работа, ама малку им се наплаќа.“, велат светиниколчани
“Младите избегаа исто како во други градови, така и кај нас. Претежно Германија, Швајцарија, но и Италија на јаболка, грозје. Причината е приватизацијата ја заврши целата работа според мене. Зависи кој како се снашол, ако имате вујко владика, ќе бидете поп, ако не по продавниците ќе продаваат сапун, ќе работата за минимални средства“, додаваат светиниколчани
“Тешко, постојано заминуваат, а за назад не ни размислуваат. Па отидоа во Италија, Германија, сите комшии што ги имам се во странство.“, истакнаа светиниколчани
Оние што заминаа, си ги поткрепија старите куќи, направија големи свадби, ама кога заминуваат катанците се закачени на нивните порти, а тоа е голема грутка која стои во грло кај постарите.
“Се враќаат, ама повторно си заминуваат, а со тие пари си ги направија и куќите и така. Кога се враќаат си прават и многу весели свадби. Недотасува се, ама најважно е пари да има, за да има се.“, додаваат светиниколчани
Инаку, Свети Николе е град кој се наоѓа во средиштето на пределот Овче Поле и лежи на 405 надморска височина. Овој град е на 28 километри одалечен од Штип и 34 километри од Велес.
Лаура Стојанова, М-Нет