
Во сабота на програмата ќе бидат натпреварите од 24. коло на Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност да проследат два натпревари во живо преку директен пренос.
На М Нет телевизија ќе можете да го проследите натпреварит од „Цвај арената“ каде Вардар Неготино ќе ја пречека штипска Брегалница. Ова е меч каде трите бодови им се потребни и на двете екипи. Тимот на Горан Тодорчев сака три бодови со цел да го потврди директниот опстанок и со тоа во финишот од сезоната да влезе максимално растерет, а секако Вардар Неготино е мотивиран после триумфот над Победа во Прилеп.
Од друга страна „сините“ на Ристе Наумов по ремито во Штип со Детонит Плачковица, немаат право на грешка во Неготино, бидејќи во таков случај ќе бидат се подалеку од директен влез во Прва лига, односно експресно враќање во елитата, па само три бодови ќе бидат опција како успех за Брегалница.
Натпреварот од Неготино на М Нет телевизија започнува во 16 часот.
Во Кочани екипата на Осогово ќе бара три клучни бодови против Беласица во битката која ја имаат „жетварите“ за опстанок во Втора лига. Беласица е во одлична победничка форма со четири победи во низа и тимот на Александар Стојанов сега има ситуација сезоната да ја заврши и на петтото место на табелата. Од друга страна тимот од Кочани кој го води Крсте Крстев ќе треба да ги обезбеди трите бодови со цел да го осигура баражот, а притоа да ја продолжи таа неизвесна трка ако сака директен опстанок во Втора лига бидејќи има негатива од шест бодови од зоната за директен опстанок.
Натпреварот од Кочани на М Нет Спорт започнува во 16 часот.
Александар Ванев, М-Нет