Воска ги “грабна” трите бода во дербито со Пелистер за Прва лига

Денес беше комплетирано 21. коло од Втората македонска фудбалска лига со дерби-пресметката помеѓу Воска Спорт и Пелистер, која се одигра на “Билјанини Извори” во Охрид, а заврши со триумф за охриѓани од 2:1.

Гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да уживаат преку директен пренос од дербито за Прва лига.

Воска на полувреме имаше водство од 1:0 со голот на Изаир Емини. Во вториот дел Емини со втор гол ја дуплираше предност за Воска на 2:0.

Во судиското надополнување Бартон покажа на белата точка за Пелистер, а Борче Маневски успешно реализираше и го ублажи поразот на конечни 2:1, а претходно во 87. минута Благоја Љамчевски беше исклучен од игра.

Воска сега изби на второто место со 50 бодови, два помалку од лидерот Вардар, Пелистер останува четврт со 43 бодови, а пак Гостивар е трет со 48 бодови.

Колку за потсетување во саботата Гостивар убедливо ја декласираше Слога од Виница со 5:0, а убедлива беше и Беса против Беласица со 3:0.

Во неделата дербито помеѓу Саса и Тетекс заврши без победник (0:0), Локомотива беше поразена во 95. минута од Вардар со 1:2, Караорман и Кожуф ремизираа играјќи 0:0, реми и на дуелот помеѓу Детонит Плачковица и Охрид (1:1), а Борец беше поразен со 2:4 од Арсими.

Следува репрезентативна пауза, а второлигашките возбудувања продолжуваат за две недели.