
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека во понеделник, 27 јули, на граничните премини меѓу Македонија и Грција ќе има привремен застој поради најавен штрајк на грчките царински службеници.
Според информациите добиени од надлежните грчки институции, штрајкот ќе ги опфати граничните премини Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија).
Во периодот од 05:00 до 09:00 часот по македонско време (06:00–10:00 часот по грчко време), патничките возила ќе се пропуштаат на секои 10 минути, додека товарниот сообраќај ќе биде целосно запрен за влез и излез од Република Грција.
Од МВР соопштуваат дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за непречено функционирање на сообраќајот и дека во функција ќе бидат ставени сите расположливи човечки и технички капацитети.
На граѓаните кои планираат патување кон Грција им се препорачува навреме да го испланираат своето патување и да сметаат на можни задржувања на трите гранични премини во текот на утринските часови.