
Петта година по ред во застој е изградбата на новата Клиничка зграда во Општина Штип, обвинуваат од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму прашуваат колку човечки животи треба да згаснат за да се сфати вистинската потреба од завршување на оваа зграда.
„Ова зад мене е недовршената зграда на Клиничка болница Штип, којашто петта година е во застој. Се прашувам колку само човечки животи треба да згаснат, колку ли само корона бранови треба да се случат за да власта сфати дека изградбата на оваа болница треба да биде приоритет. Ја користам оваа прилика да го поздравам Градоначалник на Општина Штип, којшто во овој момент се наоѓа на некоја од плажите во Грција. Единствен начин да се спасат човечки животи е да го искористите Вашето влијание како Градоначалник и како здравствен работник, да направите притисок врз вашиот ментор, Зоран Заев, и после пет години застој конечно да ја доврши изградбата на оваа Клиничка болница.“ – велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Штип.
Од СДСМ со одговор дека во најголем дел, објективните правни пречки за изградба на Клиничка болница Штип, кои беа остатоци од расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, сега се отстранети.
„Интензивно се гради и работи на опремување на болницата, која е во интерес на граѓаните на целиот источен регион. СДСМ и во време на криза реализира бројни инвестиции во подобрување на условите во здравството, како во опремување на болниците, така и во подобрување во условите за медицинскиот и техничкиот кадар кој работи во здравствените институции. Градоначалникот по професија е доктор и со работна етика според која ја практикува својата професионалност во секое време и место, па вчерашната случка не изненадува и никако не може да биде негативно протолкувана.“ – додадоа од СДСМ.
Лаура Стојанова МНет