Владата донесе одлука за динамично завршување на изградбата на новата клиничка болница во Штип

Да се направи пресек на досега сработеното и да се подготви нова тендерска документација со цел да се заврши изградбата на новата Клиничка болница во Штип. Владата на вчерашната 164 тата владина седница донесе одлука да се активираат процедурите за динамично завршување на изградбата на КБ Штип.

„На владината седница беше е разгледано и усвоено решение за динамично завршување на изградбата на новиот објект на болницата, согласно законските процедури. Целта е, граѓаните на Штип и вработените да добијат во најскоро време клиничка болница по современи стандарди, посебно што во Клиничката болница работи, како што е соопштено од Министерството за здравство, високо стручен медицински кадар и во болницата се лекуваат граѓани и од поширокиот источен регион“, соопшти Владата.

За таа цел се активираат процедури, што ќе овозможат завршувањето на изградбата на новиот објект на Клиничка болница – Штип, да се одвива со засилена и прецизно утвдена динамика.

Задолжени се Министерството за здравство, проектната единица и надзорот да подготват „Проект на изведена состојба“, односно пресек на досега изведените работи, во рок од 42 дена. Задолжена е Проектната единица, по направениот пресек на состојбата, во соработка со Бирото за јавни набавки, да подготви нова, тендерска документација и биде објавена јавна набавка во рок од 30 дена.

Пред еден месец Министерството за здравство информираше дека активностите за изградба на новата клиничка болница се завршени 35%, а според првичните предвидувања требаше веќе да биде готова и пуштена во функција за граѓаните во Штип и Истокот.

Лаура Стојанова М-Нет