Висок пораз за фудбалерките на Кочани од шампионот Љуботен, Саса го доби дербито со Ас Јунајтед!

ФОТО: Александар Ванев

Фудбалерките на Кочани го запишаа својот десетти сезонски пораз откако загуби на домашен терен од шампионот Љуботен со резултат 0:7, во рамки на 12. коло на Првата женска фудбалска лига.

Сосема очекувана беше високата победа за лидерот и шампион од Тетово, кој лесно стигна до нова победа во фудбалската елита во женска конкуренција и со тоа го чува првото место на табелата.

Во Македонска Каменица се одигра дерби меч на Саса и Ас Јунајтед, трите бодови останаа дома, откако „рударките“ беа подобри со 2:0 против струшкиот тим. Овој резултат прави израмнување во горниот дел од табелата.

Дербито од дното на табелата го доби Речица која во Битола со минимални 0:1 славеше над Топ Гол, а пак Истатов без проблеми со 2:0 прокнижи триумф над дебитантот Вардар.

Во Струмица голот на Ана Боризовска го реши победникот, Скопје со минимални 0:1 славеше над Тиверија Брера и така продолжува да го следи чекорот на лидерот Љуботен.

На врвот останува Љуботен, шампионот има 34 бодови и е единствениот непоразен тим, додека пак Скопје останува на второто место со бод помалку односно 33 освоени бодови и прави притисок за првото место во обид избие на челната позиција. Тиверија Брера останува трета со 24 бодови, додека пак Каменица Саса сега е на четвртото место со 21 освоен бод.

Истатов и Ас Јунајтед го делат петтото место со по 20 освоени бодови и веднаш следува пресекот на екипите кои ќе се борат за опстанок. Во најдобар ситуација е Речица која е седма со десет бодови и практично овој тим е во најдобар ситуација за опстанок во однос на конкурентите. Вардар е осми со пет бодови, Топ Гол е деветти или во бараж зоната со четири бодови, а толку има и тимот на Кочани кој е на дното.

Александар Ванев, М-Нет