
Се комплетираше 7. коло од Втората македонска фудбалска лига со мечот меѓу Локомотива Пехчево и Кожуф од Гевгелија, во меч каде домашниот тим стигна до прво сезонско славје, откако на „Борис Трајковски“ во Маџари беше убедлив со 3:0.
Александар Трајчевски го отвори резултатот за водство на Локомотива од 1:0 на полувреме. На стартот од вториот дел Емил Скоко и Рејјан Абази стрелаа за 3:0 уште во 61. минута со што во финишот од мечот домашниот тим влезе растеретено и стигна до првиот сезонски триумф и три бода.
Што се однесува до табелата кога е во прашање врвот нема големи промени, но комплетирањето на 6. коло може да направи промени на местата кои водат во Прва лига. Вардар е непоразен лидер со 19 бодови, а потоа следува Воска Спорт, која, исто така е непоразена и со два бода помалку е на второто место. На третото место е Гостивар со 15 бодови, додека пак на четвртото место е Детонит Плачковица од Радови со 13 бодови, но и натпревар помалку.
Радовишани в среда ќе го одиграат заостанатиот натпревар против Охрид на „Билјанини Извори“ и доколку забележат триумф, тогаш Детонит Плачковица ќе биде на третото место со 16 бодови, а Гостивар би бил четврти со бод помалку.
Беса од Добри Дол игра фантастична сезона, а тоа го потврдуваат и резултати кои ги постигна на стартот од новата сезона. Беса има 11 освоени бодови и се наоѓа на високото петто место на табелата, а пак Пелистер, кој важи за фаворит за пласман во Прва лига, е на шестото место со ист број на бодови како и второлигашот од Добри Дол. Битолчани по поразот во Радовиш остануваат далеку зад конкурентите за Прва лига и ги чека тешка задача за враќање на местата кои водат во фудбалската елита на Македонија.
Одлични резултати бележи и најновиот член во Втора лига, Арсими, кој со 9 бодови е на високото седмо место, а исто толку бодови има и Беласица која е место подолу на табелата.
Караорман од Струга по повеќе од една деценија се врати во Втората македонска фудбалска лига и по шест одиграни кола има седум бодови и се наоѓа на деветото место, колку што има и Кожуф кој е место подолу. Овие две екипи в среда ќе го одиграат заостанатиот меч, па трите бодови ќе бидат императив и за едните и за другите во борбата за што повисок пласман на табелата.
По 7 бодови имаат и Охрид и Тетекс кои го делат 11-тото место на табелата, додека пак со шест бодови на 13-тото место е Локомотива Пехчево колку што има и Слога од Виница која е место подолу. Со 5 бодови на претпоследното место е Каменица Саса, а без бодови е Борец кој е „закован“ на дното и го очекува тешка борба за опстанок.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ВТОРА МАКЕДОНСКА ФУДБАЛСКА ЛИГА:

Шестото коло од Втора лига ќе биде комплетирано в среда. Охрид на домашен терен ќе го пречека разиграниот Детонит Плачковица од Радовиш, а овој меч, гледачите на телевизија М Нет ќе може да го следат во живо со почеток од 14:00 часот. Во ист термин, в среда, ќе биде одигран и мечот меѓу Кожуф и Караорман, кој се игра во Гевгелија.
Овие два натпревари беа одложени, поради тоа што играчите од Детонит Плачковица и Кожуф добија повик во аматерската фудбалска репрезентација на Македонија.