
Ракометниот клуб Текстилец од Штип кој се натпреварува во Првата ракометна лига, за новата сезона која започнува викендот го претстави Бобан Попов како нов играч, а повратникот во својот матичен клуб ќе ги води и младите категории како тренер.
Со своето долгогодишно искуство дома и странство Попов ќе биде големо засилување и освежување во редовите на Текстилец за новата сезона, а со своето искуство ќе работи и на развојот на младите категории.
“Неговиот пристап ќе се фокусира на унапредување на моторичките способности, физичката и техничката подготвеност, како и на психолошката стабилност и тимскиот дух на младите играчи. Со своето искуство стекнато во Португалија, Холандија и Германија, Попов ќе внесе нови методи и иновации во тренерската практика на клубот. Неговата цел е да создаде силни и конкурентни тимови преку интегрирање на современи тренерски техники и фокусирање на целосниот развој на играчите”, велат од РК Текстилец.
Штипски Текстилец во новата сезона во Првата лига ќе настапува во групата Б со екипите на Вардар Неготино, Скопје, Младост од Богданци, Шампион, Македонија Ѓорче Петров, Партизан од Гевгелија, Преспа Вардар од Ресен и екипата на Драчево.
Во рамки на 1. коло Текстилец ќе гостува во Неготино кај Вардар.
Александар Ванев, М-Нет