Билјард клубот Штип овој викенд го одржа првиот турнир за 2025 година – одиграни 134 натпревари, прво место за Донев, второ за Козарев

Изминатата сабота во Штип се одржа првиот турнир во организација на билјард клубот Штип за 2025 година.

Турнирот започна во 13 часот и истиот заврши 45 минути по полноќ, односно истиот се играше 12 часa. Беа одиграни вкупно 134 натпревари, учествуваа осум натпреварувачи, а првото место го освои Кире Донев, додека пак второто место му припадна на Љупче Козарев.

До крајот на 2025 година билјард клубот Штип има предвидено уште четири турнири кои треба да се одржат во Штип, а преку истите значително се промовира овој спорт во градот. Минатата година клубот исто така организираше два турнири.

Како што претходно информираше М Нет телевизија, билјард клубот Штип е првиот билјард клуб во градот, а кој е официјално регистриран и е член на Билјард федерацијата на Македонија.

Овој спорт не познава граници, бидејќи во клубот има членови од 20-тина години, па до највозрасниот член кој има повеќе од 70 години. Интересот пополека за овој спорт во градот се зголемува, а клубот преку овие турнири го промовира овој спорт во градот Штип, а членовите на клубот активно учестуваат на државните турнири.

Александар Ванев, М-Нет