
Голема болка во срцата, фотографии во рацете, балони и свеќи – граѓаните во Македонска Каменица оддадоа почит на прерано починатата Кети Милковска, која својот живот го изгуби во дискотеката Пулс во Кочани, на кобниот 16 март 2025 година.
Наместо роденденска прослава – спомен, цвеќе и порака дека не смее да се заборави. Денот што требаше да биде исполнет со радост, годинава поминува во тишина и сеќавање.
„После десет месеци од трагичниот настан кој се случи во Кочани каде изгубивме наше дете, наша сограѓанка, тука сме да дадеме поддршка најпрво за родителите. Зад сето ова застанаа и нејзините другарки, болката е тешка, не може да се опише со зборови. Денес сме овде да оддадеме една почит, да го одбележеме и нејзиниот небесен роденден 27. “ – вели Наташа.
Да беше жива денеска ќе наполнеше 27 години. Кети беше позитивно и многу добро дете ќе речат луѓето кои ја познавале. Денеска во нејзина чест се маршираше по утврдена рута во Македонска Каменица, а во домот на културата беше организиран и настан по повод нејзиниот небесен роденден.
Поддршка дадоа и родителите на починатите деца од Кочани. Сите со иста надеж да има правично судење за пожарот кој одзеде 63 животи во дискотеката Пулс.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет